Пред 5 години сме можеле да купиме дури 57 килограми леб повеќе со тогашната просечна – нето плата во однос на сегашната. Но, што се однесува до електричната енергија, сега со една просечна плата можеме да купиме 833 киловат - часа електрична енергија повеќе отколку пред 5 години.
„Пари“ правеше анализа како сме живееле пред една деценија и пред 5 години во споредба со сега. Но, она што не изненади како заборавен податок е што пред 10 години, односно во 2011 година сме имале високи цени, особено на бензинот и на зејтинот, но, истовремено сме имале и многу пониски цени на лебот, на струјата… Ова е период по големата финансиска криза од 2008 година, но и година со неповолни климатски прилики.
КОЛКУ БИЛ ЛЕБОТ, ЗЕЈТИНОТ И ШЕЌЕРОТ?
Според анализата, маслото за јадење во 2011 година чинело 83,6 денари, а сега е најчесто нешто околу 100 денари за еден литар. Но пред 5 години, маслото за јадење било значително поевтино и се купувало по 65 денари за еден литар, и таква цена всушност помалку или повеќе се држеше и наредните година, а во 2019 година, пред пандемијата, цената била и пониска и изнесувала 59 денари.
Во 2011 година особено била висока цената на шеќерот и изнесувала 55,8 денари, додека во 2016 година, шеќерот може да се купи за 38 денари – слично како и сега.
Пченичниот леб, како најосновен производ, статистичарите евидентирале дека во 2011 година чинел 53,3 денари за еден килограм, а во 2016 – 48,1денар. Колкава просечна цена ќе пресмета Државниот завод за статистика за 2021 година, допрва ќе видиме, но можеме слободно да кажеме дека сега еден килограм леб е околу 70 денари.
КОЛКУ ЧИНЕЛЕ ГОРИВАТА?
Според објавените цени на Регулаторната комисија за енергетика, пред 10 години, односно во ноември, бензинот БС 95 чинел 76 денари за литар, а сега е 77 денари; бензинот БС 98 тогаш чинел 77,5 денари, а сега е 79, додека дизелот имал цена од 68,5 денари, а сега е поевтин и е 60 денари за еден литар. Пред 5 години, односно во 2016 година, горивата биле значително поевтини и во однос на сега, но и во однос на пред 10 години. Тие, во ноември 2016 ги имале следниве цени: бензинот БС 95 се продавал за 63 денари за литар. БС 98 за 65 денари, а дизелот чинел 50 денари.
КОЛКАВА ЦЕНА ЗА СТРУЈА ПЛАЌАЛЕ ДОМАЌИНСТВАТА?
Е тука веќе има видлива разлика. Пред 10 години домаќинствата со еднотарифни броила плаќале по 3,77 денари за еден киловат- час електрилна енергија. Во 2016-та цената за еднотарифните броила била 4,46 денари за еден киловат - час, а сега е 5,36 денари за еден киловат-час. За двотарифните броила пак, ниската тарифа пред 10 години била 2,34 денари, а пред 5 изнесувала 2,78 денари, сега е 3,36 денари. Во однос на високата тарифа цените се движеле вака: во 2011 година – 4,71 денари, во 2016 година- 5,56 денари и сега 6,69 денари. Но, мора да се земе предвид дека за разлика од порано, годинава, со растот на цената на електричната енергија за 12,36 проценти, се намали и данокот на додадена вредност за струјата од 18 на 5 проценти.
КОЛКАВА БИЛА ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА?
Но, за да биде реална анализата на цените мора да се земат предвид и просечните плати и колку од основните производи сме можеле да купиме со една просечна плата. За годинава, последна објавена просечна - нето плата е за август и таа изнесувала 28.642 денари. Пред 10 години пак, сме имале просечна нет-плата од 20.834 денари, а пред 5 години таа била 22.380 денари.
Извор: pari.com.mk