Од потреба за егзистенција до идеја за одгледување на градинарски култури и подготовка на зимници.
Охриѓанката Катерина Василеска откако останала без работа во време на ковид пандемијата започнала најнапред на пазарот да го нуди она што го има во нејзината бавча за потоа да започне да подготвува и продава ајвар и други зимници. Таа вели дека иако станува збор за тешка физичка работа сепак се исплати уште првиот ден имала нарачки за 200 тегли домашен ајвар.
Брзиот начин на живот и немањето доволно време е една од причините што последниве години се помалку семејства прават ајвар, а се повеќе расте понудата.
Подготовката и продажбата на ајвар и други зимници во домашни услови стана профитабилна работа од која во просек може да се заработи една плата, а оние пак кои имаат свој зеленчук имаат и поголема заработка.
Со цел да се добие меѓународна репутација, “македонскиот ајвар”, од 2010-та година е заштитен и на меѓународно ниво согласно Лисабонскиот договор за меѓународна регистрација на географските називи.
Откако пиперките добро ќе се испечат, излупат, а потоа и измелат, следува приготвувањето на крајниот производ, ајварот. Целата постапка и не е баш така лесна. Оние кои го прават велат дека тоа одзема цел еден ден. Катерина вели дека е потребно време и труд, за да се стигне до крајниот производ.
„Потребни се многу часови за една тура на ајвар. Мене ми е печењето најтешкиот процес како и затворањето на теглите” вели таа.
Катерина освен за домашни потреби, годинава почна да прави ајвар и за продавање. Но, вели дека се’ излегло сосема случајно.
„Имав 20 тегли плус и реков да објавам на интернет, можеби некој ќе сака да купи. Си ставив цена за која сметам дека е соодветна. И, наместо дваесет тегли ми нарачаа 200 тегли, за помалку од 24 часа“, додава таа.
За производство на ајварот користи домашни пиперки, од бавчата во нејзиниот двор, иако до минатата година вишокот пиперки ги давалa на пријатели и роднини. Вели дека од ова може добро да се заработува, ако сериозно се земе работата. Цената на една тегла достигнува и до 5 евра.
Брзиот начин на живот и немањето доволно време е причина што сé помалку луѓе се одлучуваат сами да си направат ајвар, па го купуваат. Но задоволството кога ќе направиш нешто со сопствени раце, НЕМА ЦЕНА!