Министерката за труд и социјална политика, Шахпаска посочи дека очекува што побрзо да се донесе законското решение недела да биде неработен ден бидејќи тој е во интерес на сите граѓани.
Со законското решение недела да биде неработен ден осум проценти од работниците ќе работат во недела, за нив е предвидена минимум 50 проценти повисока дневница, додека пак вработените во трговските центри ќе работат само една смена со 100 проценти повисока дневница. Два проценти од годишниот промет на моловите во недела е предвидено да оди за изградба на градинки. Ова законско решение претставува баланс меѓу приватниот и професионалниот живот на граѓаните.
Министерката Шахпаска на прашањето околу подготовката на новиот Закон за работни односи посочи дека ова законско решение е подготвено и дека наскоро ќе биде отворена и широка Јавна расправа. Како значајна новина која го носи ова законско решение, таа го посочи скратувањето на времетраењето на Договорите на определено време, кои во моментов се со времетраење до пет години. Барање на работниците кое со години наназад го очекуваат.
„Со Договорите на определено време, ќе се гарантира поголема сигурност и пристап до права за работниците, а за работодавачите овие договори генерираат задоволни работници. Во подготовката на новиот Закон за работни односи, учествуваа сите чинители во општеството, претставници на работниците, работодавачите “, рече Шахпаска.
Извор: biznisinfo.mk