Изминатиот период Скопје мака мачи со такси-превоз. Иако навидум изгледа дека такси има речиси на секој чекор, сепак, кога граѓаните ќе се обидат да повикаат такси, речиси никогаш не можат да пронајдат. Одговорот од диспечерот најчесто е: „Извинете, немаме слободно возило“. Меѓутоа, за жал, тоа и не е единствениот проблем на граѓаните. Под закрилата на таблите од компании регистрирани да вршат превоз честопати се кријат диви таксисти, кои дебело ги крпат паричниците на граѓаните, бидејќи наплатуваат дупло од оние таксисти што работат по утврдениот ценовник.
За најобичен такси-превоз, граѓаните буквално губат нерви и, како што велат, кога ќе добијат такси возило што ќе дојде да ги земе од дома, се чувствуваат како да добиле на лото. Кога малку би се обиделе да истражите што точно се случува со такси-превозот, веднаш ќе ви стане јасно дека проблемот е уште поголем.
Буквално врие од диви таксисти на секој чекор, и тоа добро затскриени, обележани, обоени со жолта боја, а на покривот носат табла од некоја од регистрираните компании што имаат лиценци за вршење такси-превоз.
Во градот има огромен број инфилтрирани таксисти помеѓу оние легалните, со цени буквално што, како што би рекле старите, „бричат“. Ако од Чаир до Центар се плаќа околу 150 денари, кога наивно ќе нагазите на ваков див таксист, ќе се олесните 100-150 денари плус, или околу 250 - 300 денари.
Многу голем проблем е и крајната непрофесионалност на некои возачи во такси-возилата, па дури и на оние што возат под името на реномираните компании. Па, така, ќе наидете на возачи што целиот пат додека ве возат зборуваат со блиски пријатели и роднини на телефон, послужувајќи ви ги сите приватни проблеми со кои се соочуваат. Секако, сето тоа дополнително зачинето со мирисот на цигара, која возачот нервозно ја пуши објаснувајќи ги своите приватни проблеми.
Во обид да дознаеме повеќе за проблемот околу недоаѓањето на такси-возила на повик, голем дел таксисти велат дека немаат сметка да го прават тоа со поскапувањето на горивото.
Повеќе ни се исплати да му застанеме среде улица на некој патник, отколку да одиме на повик. Нам одењето до домашна адреса не ни се плаќа, туку таксиметарот отчукува кога возиме патник. Не ни е економично да го трошиме горивото – ни раскажа еден такси-возач.
Во однос на тоа како се справуваат градските власти со проблемот со дивите таксисти, надлежните велат дека нивните инспектори се постојано на терен. Во однос на сузбивањето на т.н. диви таксисти, инспекторите за патен сообраќај на вршат редовни контроли и инспекции за тоа дали такси-превозниците се придржуваат до одредбите и правилата во согласност со одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на градот Скопје. Во изминатите две недели казнети се и одземени им се возилата на 12 диви превозници.
Најголемиот проблем во автотакси-превозот се дивите таксисти, односно нелојалната конкуренција, бидејќи има голем број диви таксисти со нелиценцирани возила, без фискални таксиметри, непријавени такси-возачи, пензионери такси-возачи итн.
Многу малку треба за трајно да се реши проблемот во автотакси-превозот. Има закони, правилници, одлуки што го регулираат автотакси-превозот, доволно е само да се спроведат, а со нивното спроведување ќе се намали бројот на такси-возилата во градот (ќе се намали и загадувањето од издувните гасови), а ќе има брзо вработување на најмалку 1.000-1.500 такси-возачи што сега не се пријавуваат, бидејќи никој не ги контролира. Има повеќе од 3.000 таксисти во градот, а во Агенцијата за вработување се пријавени како вработени само околу 400 такси-возачи. Единствено е забележливо дека има такси-компании што го намалија процентот на попустот, а некои и го укинаа попустот, така што сѐ е во рамките на цената, односно тарифата што ја имаме многу години.
Извор: novamakedonija.com.mk