Расфрлани претходно употребени маски за еднократна употреба, но и ракавици за заштита од коронавирусот по јавните површини, стана секојдневна глетка за жителите од главниот град.
Низ парковите, на клупите, пред зградите, на тротоарите, па дури и пред кантите за складирање на отпад, насекаде можат да се видат расфрлани заштитни маски, но за жал не и во кантите за отпадоци каде што им е местото.
Поради ваквата состојба на терен, секојдневно се изложува на ризик здравјето на сезонските работници, кои се задолжени за одржување на хигиената низ населбите, чија работна задача е да го чистат ѓубрето, но се разбира и на случајните минувачи, а најмногу на децата, бидејќи никој не знае дали фрлените употребени маски, претходно биле носени од лице кое било болно од ковид-19.
Фактичката состојба на терен, веќе со месеци наназад останува иста и покрај многубројните апели од страна на надлежните служби за правилно складирање на овој ризичен отпад – искористените заштитни маски и ракавици, веднаш по нивната употреба, треба уредно да се спакуваат и да се затворат и на тој начин да се складираат во кантите за смет.
Овој проблем не е решен, а навиките на луѓето да фрлаат ваков високоризичен отпад по јавните површини не се сменети.
Во текот на целиот изминат период од прогласувањето на светската пандемија на вирусот ковид-19, ЈП „Комунална хигиена“ секојдневно спроведува низа вонредни активности, со цел на највисокото можно ниво да ја одржи хигиената и чистотата на јавните и на сообраќајните површини во нашиот град.
Апелираме до жителите на градот Скопје употребената заштитна опрема да не ја исфрлаат на јавни површини, односно уредно спакувана во двојни ќеси да ја одлагаат исклучиво во посебните садови или директно во контејнерите и на тој начин да го заштитат здравјето на вработените и на граѓаните, кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран и опасен отпад – стои во апелот на ЈП „Комунална хигиена“.