Македонските ниви ќе останат необработени и не обрани без работна сила или ако сакате без аргати. Од година во година производителите на земјоделски култури се соочуваат со недостиг на аргати. Никој не сака да се пече на нива на плус 40 степени или да сади на студ и ветер за минимална дневница од 100 денари за час. Млади по селата има се помалку, па средовечни мажи и жени работата како наемни работници по туѓи имоти. Земјоделските култури отсекогаш биле извор на издршка за поголемиот дел од мештаните.
Во минатото, но и денес, полето околу селото изобилува со плодни услови за најразлични земјоделски култури. Во поново време, традиција стана одгледувањето на зелка, успешно се одгледува и винова лоза, бостан, компир, кромид, домати, краставици, пиперки и други култури на помали површини.
Пет жени од утрото до доцна во денот, додека се гледа на дневна светлина на нивите во Јосифово, во екот на есенската сеидба садеа кромид на еден декар површина. Ѕвезда Јованова (56), е земјоделец од селото и самата работи земјоделие, но како што вели најголем дел од денот работи на туѓи ниви.
Работам и свои ниви и на туѓи ниви, што да правиме. И дома садам кромид, тутун, зелка, бостан, ама ако сакаш да работиш се наоѓа време да садиш и за други со дневница. Стануваме рано, доцна си легнуваме за да постигнеме се во денот. И дома имаме фамилии, деца, па треба да се направи и вечера и ручек за другиот ден. Затоа сите работиме. Ако сме на своите ниви не се знае кога ќе си заминеме дома, се додека не се стемни, вели Јованова.
Тежок е животот на земјоделецот.. И самата е производител на тутун и годинава треба да предаде околу 800 килограми од жолтото злато. Се надева на подобра откупна цена на тутунот за разлика од ланската.
Од дете, од мои 10 години садам тутун, и нема по тешка работа во споредба со кромид или други култури. Со тутунот се занимаваш цела година, од расадот па се до откупот. Па од рано утро треба да собираш лист по лист, мачно е тоа. Лани го дадовме тутунот за многу евтино. Многу работа за малку пари. Затоа ќе речам состојбите кај нас земјоделците се никакви. Субвенции не земаме зашто не се наши нивите. Секоја година плаќам по 50 евра за декар нива под наем - вели Јованова.
Тодора Божинова исто така е наемен работник од селото Јосифово, вели дека заработува за живот со аргатувањето по туѓите ниви, но и дека тешко се наоѓаат работници за во земјоделието.
-Работата на аргатите е тешка, многу работиме малку сме платени. Работиме по 8 до 9 часа во денот, оти за повеќе не се издржува. И самите дома обработуваме по малку ниви со кромид. И таму треба работа. Состојбата со земјоделието е многу лоша. Се' што произведуваме е под 10 денари за килограм, значи над 10 денари ништо не можеме да продадеме, вели Тодора додавајќи дека младите од селата не сакаат да работат земјоделие, па тешко се наоѓаат млади за наемни работници.
Јосифово е големо село, се наоѓа во близина на течението на реката Вардар, а од градот Валандово е оддалечено 9 километри. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 68 метри. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 809 хектари, на пасиштата отпаѓаат 476 хектари, а на шумите 390 хектари.
Јосифово е ново и современо населено место. Селото е урбанизирано, со две медицински установи (амбуланти), основно училиште, пошта, бензинска пумпа, културен дом, голем и мал спортски терен, маркети, земјоделски аптеки, медицинска аптека како и други погодности кои треба да ги ужива денешниот човек, особено во селска средина.