Winamp е повторно во фаза на активен развој, но можеби нема да пристигне во форматот по кој го паметиме
Winamp музички плеерот прв пат е објавен уште во 1997. година, а брзо стана популарен како еден од најдобрите медиа плеери за компјутери.
Сепак, во раните 2000-ти, почна да ја губи популарноста по низа лошо спроведени ажурирања, а имаше и неколку краткотрајни обиди да се оживее проектот.
Winamp сега се враќа во фаза на активен развој, но најновата ренесанса на популарниот плеер можеби нема да пристигне во форма на оригиналната апликација со нов дизајн.
Оригиналниот Winamp медиа плеер беше во развој од 1997 до 2013 година, а финалната верзија ја носи ознаката v5.666.3516. Во октомври 2018 година, се појави недовршена верзија на v5.8, а Radionomy (сопственикот на Winamp, сега познат како Shoutcast) одлучи да ја направи јавно достапна.
После тоа беа ветени повеќе ажурирања, но тие никогаш не се реализираа. Сега веб-страницата Winamp е повторно редизајнирана и ветува „иновативно освежување на најпознатиот аудио плеер во светот“.
Во моментов нема многу информации, но новиот проект не звучи како стандарден музички плеер. Еден дел на страницата сугерира дека ќе има „уникатен простор за креаторите“ кој „ќе се поврзе тесно со обожавателите и ќе обезбеди подобар приход“.
AudioValley, компанија во сопственост на Shoutcast и Winamp, истакнува дека новиот Winamp „ќе стане платформа која ги обединува аудио ентузијастите, ги поврзува креаторите и потрошувачите на музика, подкасти, радио станици, аудио книги и која било друга надворешна содржина“.
Врз основа на овој опис, новиот Winamp повеќе делува како нова платформа за стриминг на аудио содржини, како што се Spotify или Pandora.