Уживам во животните, сакам да им помогнам кога е потребно и така ќе си и остане, вели 42-годишниот скопјанец
До хуманата идеја дошол уште кога бил младо момче, кога се уште немал наполнето 18 години. Тогаш, кога одел на тренинзите, по населбата често здогледувал бездомни кучиња како скитаат и како немаат каде да се засолнат. Посебно жално му било во зимските месеци кога во Скопје владее голем и силен студ со снег и мраз. Од тоа чувство му се родила и идејата да направи куќарки за таквите кучиња. Прво направил една, па втора, трета… и така се почнало. За материјалот сам се снаоѓал. Таква е приказната за сега веќе 42-годишниот Кирил Јовчевски, од скопската населба Радишани.
- Потоа се стана навика и желба да им се помогне на ваквите животи. Од неа не се откажав сите овие години и не планирам тоа да го направам ниту во иднината. Додека да можам да ги правам, ни вели Кирил, кој по занимање е електро-техничар.
Куќарките ги прави во својата домашна работилница и со сопствен алат. Ни кажува дека тоа не му е тешко и дека почнува да работи по 16 часот, откако ќе се врати од редовна работа што ја има.
- Веќе ме знаат доста луѓе и сами ми се јавуваат. Некои, пак, гледаат мои објави на социјални мрежи и ми се јавуваат да им направам. Единствено нешто што од нив барам е да ми донесат материјал за правење куќички – палњети, иверки, лесонит. Сепак, не можам сам да обезбедам толку материјал. А потоа, јас бесплатно ги правам и им ги враќам на оние што ми се обратиле. Потоа, тие ги стават куќарките по населбите, за бездомните кучиња за кои се грижат, ни објаснува тој.
Најчесто му се јавуваат активисти за заштита на животните кои сакаат да се погрижат за некое такво животно. Во куќарките ставаат и крпи, сунѓери и слични работи за да на кучето му биде поудобно.
- Не знам колку точно, но проценувам дека до сега сум направил меѓу 700 – 750 вакви куќарки. Се работи за куќарки во кои се сместува по едно куче. Некои се поголеми, некои помали, зависно од големината на кучето, наведува Кирил.
Овој наш хуман сограѓанин ни вели дека енергија за правење на куќарки ја има благодарение и на тоа што порано се занимавал со спортот, со фудбалот. Бил поранешен кадетски репрезентативец на Македонија, играл во фудбалските клубови Балкан, Бутел, Единство…
- Сакам и други животни, освен кучиња чувам и птици, папагали, билбиљи и други видови. Едноставно, уживам во животните, сакам да им помогнам кога е потребно и така ќе си и остане, ветува Кирил.
Целиот текст е на skopskoeho.mk