Хотелиерите се „крстат“ во претстојните празници, ама актуелните здравствени протоколи дозволуваат прослави во затворен простор да може да се прават само со 50 отсто исполнетост на капацитетот.
Во моментот најголем дел од македонските хотели нудат само ноќевање со појадок, без организиран дочек за Нова година, поради постојните протоколи.
Доколку Владата планира да ги олабави, или пак да донесе уште поригорозни ковид мерки, подобро е тоа да го стори деновиве, а не на чекор пред празниците, кои со душа ги чекаат угостителите и хотелиерите, вели за „Слободен печат“ претседателот на НУК. Од ХОТАМ веќе побараа да им се дозволи да работат со исполнетост од 75 отсто, но сѐ зависи од одлуката на Владата.
– Онака како што сега стојат работите, вкупниот капацитет на охридско-струшката ривиера нема да биде исполнет повеќе од 50 отсто, бидејќи во поголемиот дел од хотелите нема да има организирани дочеци – проценува претседателот на ХОТАМ.
Зимската понуда на хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“ има дводневни, тридневни и четиридневни аранжмани со полни пансиони и вклучена новогодишна свечена вечера по цени од 5.700 до 9.900 денари.
Годинава поради строгите протоколи што дозволуваат влез во кафеана со вакцинален сертификат, масовно се откажуваат корпоративните предновогодишни забави. А, бидејќи добар дел од вработените во фирмите не се вакцинирани, нивните работодавачи не сакаат да прават селекција. Сепак, сликите од ноќните клубови на социјалните мрежи кажуваат нешто друго. Масовна посетеност, без маски и непридржување кон протоколите.
– Ние не сме ни полицајци ни инспектори. Должност на редарите или на келнерите е да побараат сертификат, но не смеат да проверуваат имиња или да ги скенираат документите. Значи за нас, оние што влегуваат во кафеана се вакцинирани. Од друга страна, истите тие муштерии, во случај ако дојде инспекција, се правдаат дека никој не им побарал да покажат сертификат – додава Јосифовски.
Повеќето градови во земјава ги откажуваат прославите на Новата година на отворено, а во соседството Владата на Црна Гора, веќе и официјално забрани новогодишни прослави на отворено, концерти, масовни собири, како и свадби и на отворено и во затворено, а се затвораат и ноќните клубови. Угостителските објекти ќе смеат да работат до полноќ.
Извор: slobodenpecat.mk