Платите во Германија благо се зголемија во 2021-ва година и покрај зголемената инфлација, покажаа во четвртокот прелиминарните податоци на статистичкиот завод „Дестатис“.
Платите во најголемата европска економија, договорени во колективното договарање со синдикатите, се зголемија во просек за 1,3 отсто во 2021-ва година во однос на една година порано, според Заводот за статистика.
Ова е нивниот најслаб раст откако канцеларијата почна да ги собира тие податоци во 2010-та година.
Со оглед на тоа дека потрошувачките цени во Германија годинава се предвидуваат да пораснат за три отсто, за тамошните граѓани тоа значи дека реално им се намалени платите.
Централните банкари и владата внимателно го следат развојот на платите во еврозоната за индиции за тоа дали зголемените потрошувачки цени доведуваат до повисоки плати, што би можело да го спира растот на цените и платите и да ја зголеми инфлацијата на среден рок, наведува „Reuters“.
Падот на реалните плати има лош ефект врз идната потрошувачка на домаќинствата, која беше единствениот двигател на растот на германскиот бруто домашен производ во третиот квартал, во услови на тесни грла во понудата и производствени проблеми во индустрискиот сектор.
Ограничувањата воведени за да се спречи четвртиот бран на инфекција со коронавирус веројатно ќе и наштетат на трговијата на мало и услугите во четвртиот квартал, важните столбови на растот за најголемата европска економија, забележува „Reuters“.
Новиот канцелар Олаф Шолц вети дека ќе ја зголеми националната минимална плата следната година за околу 25 отсто, на 12 евра на час.