Исклучително драконски репресивни мерки во справувањето со креаторите на дивите депонии
Справувањето со диво направените депонии од страна на граѓаните досега ретко кога даваше плод. Опомените, мерките или казните ретко кога ги освестуваа или ги одвраќаа сторителите на ваквите кривични дела.
НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА
Падна и првата сериозна и драконски голема парична казна за прекршителите на Законот за управување со отпад.
Неверојатни 88 илјади евра парична казна и прекршочен паричен налог издаде Инспекторатот за животна средина на Град Скопје. Во рамките на новите заложби за зголемена контрола и инспекциски надзори за заштита на животната околина и здравјето на граѓаните, во процесот на засилени контроли за фрлање отпад во Вардариште на фатените сторители им беа издадени прекршочен паричен налог и парична казна од 88 илјади евра.
ГРАЃАНИТЕ ГИ ПОДДРЖУВААТ КАЗНИТЕ, БИДЕЈЌИ ОПОМЕНИТЕ НЕ ПОМОГНАА
Вардариште е една од депониите што им причинуваа главоболки и на градските власти, а најмногу на граѓаните. Постојано и секојдневно, независно дали во раните утрински или во доцните вечерни часови, загадувачите палеа разно ѓубре и во текот на денот, причинувајќи сериозно загадување на воздухот.
Жителите на Синѓелиќ, Аеродром и на Лисиче секојдневно живееја во магла и ужасна смрдеа, која предизвикуваше печење на очите и главоболки, но и хронична кашлица кај поосетливата категорија граѓани, меѓу кои се и децата.
Социјалните мрежи секојдневно беа преполни со информации и сѐ уште граѓаните објавуваат фотографии од чад и оган, кои покажуваат дека иако депонијата Вардариште одамна не е депонија, несовесните ја искористуваат и го фрлаат отпадот таму. За граѓаните, првата поголема парична казна од Инспекторатот за животна средина на Град Скопје е за поздрав и велат дека се надеваат оти загадувачите убаво ќе размислат пред да фрлаат и палат ѓубре на оваа локација.
Дивите депонии во Скопје мора да бидат минато. Сакам да најавам дека започнува засилено работата на инспекциските служби на Град Скопје и дека со глоби за фрлање отпад на јавна површина ќе се казнуваат оние што им наштетуваат на животната средина и на здравјето на граѓаните. Од сите нас зависи во каков град живееме и нема да има отстапки, време е да се стави ред. До 31 јануари ќе бидат исчистени дивите депонии што ги детектиравме, што веќе почна да се реализира во голем дел од општините во Скопје, а наедно се работи на системско решение за превенција – изјави градоначалничката.
Извор: novamakedonija.com.mk