Законот за заштита од вознемирување на работно место е донесен во 2013 година. Три години подоцна, во 2016-та, донесена е и првата пресуда за психичко вознемирување на работно место. Во пресудата, судот наложува тужените да престанат со психичкото вознемирување на работното место на тужителот и да овозможат соодветно вреднување на неговата работа. Оттогаш, предмети по овој основ се заведени само во седум од вкупно 26 Основни судови на територијата на Република Северна Македонија.
Според информациите до кои дојде МИА преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во 26-те Основни судови на територијата на Република Северна Македонија, во изминатите пет години се заведени вкупно 70 предмети по основ Вознемирување на работно место. Од нив, како неосновани се одбиени 26 тужбени барања, додека, усвоени осум. Делумно усвоени се две барања, во тек се 19 предмети, еден е во прекин, а повлечени се 14 тужбени барања.