Во економската теорија, под инфлација се подразбира раст на општото или просечното ниво на цени во економијата. Доколку промената на општото ниво на цени е негативна, односно ако цените во просек бележат пад, тогаш зборуваме за дефлација.
Стапката на инфлација е еден од основните економски показатели ширум светот, преку којшто се следи промената на цените во една економија. Во економската теорија, под инфлација се подразбира раст на општото или просечното ниво на цени во економијата- Анализира ПАРИ.МК
Денес, постои општ консензус за потребата од одржување ниска и стабилна инфлација, како предуслов за одржлив економски раст и отворање нови работни места. Постигнатиот консензус произлегува од веќе потврдените последици од високата инфлација, којашто создава несигурна средина и со тоа предизвикува нарушувања во одлуките на потрошувачите и инвеститорите. Иако не постои прецизна дефиниција за стабилноста на цените, таа обично се толкува како ниска, позитивна и стабилна инфлација. Само при стабилни цени, вашиот имот ја одржува својата вредност низ годините, инвеститорите се спремни да преземат инвестициски одлуки и економијата во целост се движи напред. Во оваа смисла, стабилниот и предвидлив амбиент е основен предуслов за економски развој. Од овие причини, ценовната стабилност во економијата е најчестата крајна цел на монетарната политика, а воедно ценовната стабилност е основната цел и на монетарната политика на Народната банка на Република Македонија.
Како се мери инфлацијата?
Инфлацијата се мери и се следи преку соодветен ценовен индекс, којшто опфаќа одреден број производи и услуги. Списокот на производи и услуги, дефиниран за пресметка на индексот, во суштина ја одразува структурата на личната потрошувачка на едно просечно домаќинство. Поради тоа што е невозможно да се направи целосна покриеност, вообичаено се прави избор на производи и услуги коишто се предмет на масовна потрошувачка. Главниот извор на информации за дефинирање на листата на производи и услуги коишто влегуваат во нашиот ценовен индекс е Анкетата за потрошувачката на домаќинствата (којашто се спроведува од страна на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија). Промени во листата на опфатени производи и услуги се прават повремено, со оглед на тоа дека не се случуваат чести промени на куповната листа, но снимањето на цените на производите и услугите се врши секој месец, во определен временски период. Снимањето на цените и пресметката на ценовниот индекс, исто така, се извршува од страна на Државниот завод за статистика.
Во нашата економија, Државниот завод за статистика ги пресметува и ги објавува индексите на цените. Постојат повеќе ценовни индекси, при што како мерка за инфлацијата се користи индексот на трошоците за живот, изработен според меѓународни стандарди за класификацијата (COICOP ‒ Classification of individual consumption by purpose). Според оваа класификација, производите и услугите опфатени во овој ценовен индекс се групирани во дванаесет основни групи, коишто опфаќаат повеќе видови производи и услуги.
Извор:ПАРИ.мк