Владиниот комитет ќе се состане в петок за да одлучи за идните мерки за спречување на ширењето на ковид, а со оглед на намалениот број на инфекции, се очекува олабавување, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според последните статистики на Институтот за јавно здравство на Белгија, изминатата недела бројот на заразени со Ковид-19 опаднал за 37 отсто. Иако бројот на починати и хоспитализирани останува прилично висок, в петок се очекува владата да прогласи олабавување на мерките.
Веќе неколку недели повеќе министри во разните влади на Белгија повикуваат на олеснување на рестрикциите, како поради намалувањето на бројот на заразени така и поради тоа што бранот од омикрон е помалку тежок и помалку смртоносен од претходните, а болниците се справуваат со притисокот без поголеми тешкотии.
Сепак ќе треба да се почека петок за да се знае со сигурност дали се оди кон олабавени мерки.
За сега ситуацијата е помалку строга од претходните бранови, но рестрикции има уште во угостителството како и во културниот сектор. Одредени министри истакнаа дека сакаат веќе овој петок повторно да се отворат дискотеките кои се затворени од крајот на изминатата година.
извор: skopjeinfo.mk