Во текот на жешките, спарни денови, климата во автомобилот е спас, но треба да се биде внимателен. Многу е важно да се внимава температурата на ладење да не е прениска во однос на температурата надвор, бидејќи можете да добиете воспаление на грлото и синусите.
Препораката е разликата да не биде поголема од 5 до 6 степени. Покрај тоа, не е добро да го изложувате телото на големи температурни разлики, посебно тоа не смеат луѓе со послабо срце.
Автомобилите треба да се разладуваат постепено, најдобро е да се отворат прозорците во текот на првите неколку минути од возењето, па тогаш полека да се намалува температурата на клима уредите.
Исто така, ако возите низ градот, размислете дали ви се исплати да ја вклучите климата – додека таа го разлади автомобилот, веќе сте пристигнале. Подобра и поекономична опција е да внимавате автомобилот да ви биде паркиран под сенка, да ставите заштита од сонце на шофершајбната и да ги отворите прозорците во текот на возењето.
Уште една работа на која е важно да внимавате, а многумина не ја сфаќаат сериозно – е редовно чистење на климата. Препораката е на секои две години, иако некои велат дека тоа би било добро да се направи пред секое лето. Имено, во климата може да се размножат разни бактерии, а ако не е исчистена, тие може да завршат во вашето тело, да предизвикаат алергија, иритација на очи, суво кашлање, но и посериозни здравствени проблеми.
Експертите велат дека е добро да се користи рециркулација на воздухот во возилото што е можно почесто. На тој начин клима уредот го лади воздухот кој е веќе разладен, а не топлиот кој влегува во возилото. На тој начин клима уредот помалку се троши, и подолго трае.
Но, кај рециркулацијата на воздухот треба да се биде многу внимателен и на ум треба да се има тоа дека патниците го трошат кислородот и затоа е важно периодично да се пушта воздух во автомобилот, бидејќи во спротивно недостигот на кислород може да предизвика сериозни последици, возачот да падне во несвест и да изгуби контрола над возилото.
Правилна постапка за ладење на автомобил
– Откако сте го пуштиле моторот, вклучете го клима уредот
– Отворете ги сите прозорци
– Поставете опција – вовлекување на надворешниот воздух
– Температурата поставете ја на минимум
– Поставете ги вртењата на вентилаторот на најголема брзина
– По разладувањето прозорците треба да се затворат и да се намали брзината на вентилаторот – Температурата на климата нека не биде многу пониска од надворешната. Најдобро е студениот воздух да дува во шофершајбната и во нозете. Директното дување во лице не е препорачливо.
– Препорака е и неколку минути пред крајот на патувањето, да се исклучи климата и да се пушти вентилација. На тој начин влажните места во клима уредот ќе се исушат, а со тоа ќе се намали можноста за размножување на бактерии, бидејќи тие сакаат влажно окружување.
Совет од лекарите
Доколку користиме разладувачи во своите автомобили, но и во своите домови, докторите кажуваат неколку правила.
– Разликата во температурата во просторијата која се лади во однос на надворешната температура нека не биде поголема од 8 степени, влажноста треба да биде 40-60 проценти, а брзината на струењето на воздухот најмногу 0,2 м/с.
– Вентилаторот не смее да биде насочен во лицето бидејќи ја зголемува можноста ја појава на главоболки, болки во грлото, и проблеми со очите, носот и ушите.
– Редовно дезинфицирање и чистење на филтрите на уредот.
– Хроничните болесници кои патат од срцеви болести да не прават нагли температурни промени.
– Да не се престојува во разладена просторија во влажна облека, бидејќи губењето на температурата и ладењето на тие делови од телото е многу побрзо.
– Посебно внимание при користење на клима уредите во присуство на мали деца.
– Да пие многу вода и чај во климатизирани простории
– Да не се спие во климатизирана просторија поради опасност од дехидратација и настинка.
skopje24.mk