Дали знаете кое е најчестото презиме во Македонија? А кое е после него?
Ангеловски!?
Според овие извори (1, 2, 3, 4) најчестото презиме во Македонија е Ангеловски. Со една кратка проверка на сајтот на Државен завод за статистика можеме да утврдиме дека тоа се јавува 2869 пати, додека Ангеловска се појавува 2606 пати, значи вкупно 5475 презимиња. Заедно со варијантите без „в“ за машки (201) и за женски (177) доаѓаме до бројката 5853.
Како што ќе видиме понатаму, тоа не е прво, ниту второ (па ни во првите пет!) презиме според бројност. Всушност таа „вест“ е пренесена во толку многу домашни медиуми што нејзината единствена статистичка вредност е тоа што покажува колку е лесно да се шират дезинформации во Македонија. Повеќето портали под притисок на борбата за кликови само препишуваат вести.
Поповски
Во одредени статии како најчесто презиме во Македонија (во текстот не е јасно дали е контекст на презимиња кои потекнуваат од професии или се мисли на општо најчесто презиме) се споменува презимето Поповски. Да провериме: Поповски (2260), Поповска (2165), Попоски (1014), Попоска (976), значи вкупно 6415 повторувања. Со варијантите кои завршуваат на „ов/а“ вкупно се 8514.
Николовски
Кога некој би ве прашал што мислите кое е најчесто презиме, веројатно би одговориле дека е тоа кое потекнува од името Никола. По кратка проверка откривме вака: Николовски (6741), Николовска (6212), Николоски (2305), Николоска (2190), значи вкупно 17.448 повторувања, што е многу повеќе од двете претходно наведени презимиња.
Тогаш ни текна дека во варијантите треба да се вклучат и „ов“/„ва“! Па во овој случај тоа би било Николов (4322) и Николова (4072), значи плус 8394 и вкупно 25.842!
Со истата методологија на Ангеловски ги додадовме варијантите Ангелов/а и добивме вкупно 10.481 повторувања. За жал, тоа не му помогна многу да стигне на прво место, како што пренесуваат одредени медиуми. Додека презимето Поповски, со варијантите Попов/а дојде до бројката 10.613.
Но, тоа не е се. За правилна пресметка треба да се вклучи и поновиот тренд на пренесување на истата форма на машка додавка на женски презимиња (ски, ов итн.) Но, бројките тука се занемарливи и се работи за околу стотина кај секое презиме.
Други презимиња
Се разбира, би можеле да направиме истражување на уште многу презимиња, на пример Атанасов (со сите варијанти) се јавува 13.678 пати, Трајковски 19.531 пати, Јовановски 25.380 (фотофиниш со Николовски!), Петровски (18.622), Ивановски (15.473), Ристевски (16.777) итн.
Целиот текст е на arno.mk