Возачот, кој беше фатен како вози со речиси 200 км/ч на селски пат кај Хестингс во Нов Зеланд, вели дека казната му е престрога, иако одел побрзо отколку што забележала полицијата!…
Тимоти Брукс Холден (Timothy Brooks Holden) се изјасни за виновен пред Окружниот суд во Напиер (Napier) по едно обвинение. Тој е осуден на 150 часа работа за општо добро и му е одземено правото да вози 18 месеци, пишува локалниот Nz Herald.
Тој се пожали до Високиот суд дека неговата казна е „очигледно прекумерна“. Холден бил спремен да се занимава со социјална работа, но рекол дека треба да ја изгуби возачката дозвола само на 12 месеци, пишуваат светските агенции.
Судијата не се согласи. За работите да бидат уште поинтересни, Холден всушност бил фатен како се трка со друг автомобил. Полицискиот радар покажал 176 км/ч, но Холден пред Високиот суд изјавил дека „всушност одел 195 км/ч, надевајќи се дека ќе го победи автомобилот до него“.
Холден моментално има шест пресуди поврзани со неговото возење, вклучувајќи две за опасно возење и една за несовесно возење што предизвикало повреди. Тој исто така акумулирал 20 прекршоци помеѓу 2002 и 2020 година.
Во својата жалба тој тврдеше дека периодот на одземање на возачката дозвола бил претеран, особено кога се комбинирал со работа во заедницата, „а судијата што ја изрекол казната згрешил бидејќи не му дал попуст од 25 проценти за признавање на вина“.
Тој рекол дека му треба возачка дозвола за да може да оди во Палмерстон Норт (Palmerston North) за да ги види своите деца. Советничката на Холден, Лиза Грант (Lisa Grant), рекла дека трката се одржала на рамен, рурален пат со само една влезна точка.
Таа изјавила дека во околината немало никој освен Холден, другиот возач и полицаецот. Поради ноќното време најверојатно немало други возила или работници од околните овошни насади. Полицијата вели дека периодот на дисквалификација (забрана за возење) е соодветен, со оглед на сериозноста на обвинението и историјата на Холден за прекршувања на правилата за возење.
Полицаецот Џејмс Бриџман (James Bridgman) изјави дека трката се одржала во темница во зимска ноќ, немало улично осветлување, а тркачите не можеле со сигурност да знаат дека патот ќе биде празен.