Акционерското друштво во државна сопственост за давање услуги на воздухопловна навигација ги враќа „големите бруто плати“ од пред-ковид периодот поради стабилизацијата на воздухопловниот сообраќај, покажува финансискиот план на М-НАВ за 2022.
Македонски навигации, познато по тоа што во просек таму се делат највисоките плати во Македонија, оваа година трошоците по овој основ ќе ги зголеми за повеќе од 30 отсто за своите вработени.
За бруто-плати планирано е да се одвојат околу 12,4 милиони евра, односно за 3 милиони евра повеќе споредено со ланската година. Бруто платите во 2021 се намалија за 30 отсто поради намалувањето на прелетите, чија наплата е најголемиот приход за М-НАВ.
Наплатата од прелет во 2022 ќе изнесува 53,81 евра, што е зголемување за 5,8 отсто, а се очекуваат 29 отсто повеќе прелети годинава. Вкупните приходи што се очекува да се соберат изнесуваат нешто повеќе од 16,7 милиони евра, или 4,6 милиони повеќе од лани.
Планот на М-НАВ за 2021 беше бруто платите да се намалат за 30,1 отсто. Поради забраната на ЕУ за летови од Македонија, приходите беа драстично намалени. Беа најавени намалувања и на другите помали трошоци.
Годината 2020 М-НАВ за прв пат ја заврши со загуба за повеќе од 600.000 евра. Затворањето на македонските аеродроми и ограничувањето на патувањето кон земјите од ЕУ, каде што авио-сообраќајот учествува со 77 отсто на национално ниво беа главните причини за тоа.