Како дел од подготовката за олабавување на мерките за заштита од коронавирусот, Комисијата за заразни болести денес најави дека почнува акција за зголемување на процентот на вакцинирани кај нас
Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ, најави дека од денес почнуваат кампања со која на сите невакцинирани лица или нецелосно вакцинирани кои имаат заболувања и се во ризична група граѓани, ќе им биде одреден термин за вакцинирање.
„Опфатени со кампањата ќе бидат сите оние граѓани кои имаат нецелосна вакцинација или не примиле бустер-доза, а спаѓаат во ризичните групи граѓани, тоа се групи граѓани кои се на возраст над 65 години и имаат коморбидитети и оние кои се помлади од 65 и имаат поголем број коморбидитети. Кај овие граѓани ќе стигне СМС-порака која ќе ги извести дека треба во точно одреден термин да го посетат точно одредениот пункт за вакцинација каде што ќе можат да бидат вакцинирани“, рече портпаролот Мехмедовиќ.
Закажувањето термини за вакцинацијата е почнато од денес. Очекуваат матичните лекари да преземат најголем дел од обврските оти тие ќе ги потсетуваат пациентите за вакцинацијата. Очекуваат да има добар одговор од граѓаните и нагласуваат дека вакцинирањето посебно ќе ја заштити ризичната група граѓани од понатамошни последици од вирусот оти тие биле најпогодени од сојот омикрон.
Во високоризичната ризичната група граѓани, според податоците од „Мој термин“ спаѓаат вкупно 260.000 граѓани. Половина од нив Мехмедовиќ извести дека не се целосно вакцинирани, а останатите немаат бустер-доза.
Одзивот на вакцинирањето, Комисијата најави дека ќе биде основа за понатамошно олабавување на мерките.