„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење.Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.
- Дали некогаш сте пробале да се откажете од пушење?
- Дали некогаш сте пробале да бидете на диета (да редуцирате некои јадења)?
- Дали некогаш сте си рекле дека ќе почнете да вежбате?
- Или, дека ќе намалите со пиењето?
Ако сте пробале да го направите тоа, а не ви успеало, знајте дека една од најголемите причини за тоа се искушенијата кои нè опкружуваат, нè примамуваат и дефокусираат од остварување на нашите цели. Како да успеете да намалите со храна, кога насекаде околу нас има толку многу примамливи опции, вкусови и мириси! Како да намалите со цигарите, кога тоа значи да го прекршите вашиот утрински ритуал, кафе со колегите. Или, да издржите навечер кога сите со пијачката си уживаат со цигарата?!
Искушение се дефинира како, „чувство или желба да направиш нешто или да добиеш, иако знаеш дека тоа треба да го избегнуваш” - Collins dictionary. Според Google dictionary, искушението се дефинира како „желба да направиш нешто, посебно нешто погрешно или неразумно”. Додека, пак, во однос на религиозен контекст, искушенијата се поистоветуваат со гревови.
Во секој случај, искушенијата нè одвлекуваат од реализација на нашите цели и планови, како и од можноста за наш личен развој. Посебно тие влијаат на остварување на нашите долгорочни користи, бидејќи задоволуваат некој моментален импулс или порив.
Во однос на искушенијата, се вели дека не се проблем самите искушенија (тие постојат и ќе постојат), туку како ние реагираме на нив?! Како основна наша карактеристика која влијае на тоа како ние реагираме на искушенијата, е самоконтролата. Односно, колку сме ние силни (ментално и емотивно) да издржиме на примамливите предизвици околу нас.
САМОКОНТРОЛА ≠ ИСКУШЕНИЈА
Во прилог неколку совети како полесно да се справите со искушенијата:
- Прифаќање: прифатете дека искушенија постојат и ќе постојат. Не може да побегнете, едноставно може само да научите како подобро да се справувате со нив.
- Стратегија-план: не може да кажеме од утре ова не (го) правам. Може и тоа, но најефективно е ако направиме план на активности. Прво, ги алоцирате искушенијата што ве мачат, потоа ги анализирате вашите слабости од каде потекнува тоа, и потоа правите план (активности) како да се справите со нив. Почнете со поставување на пониски цели (таргети).
- Свесно бегање: избегнување на ситуации, места, луѓе што знаете дека има веројатност да ве изложат на искушенија.
- Пренасочување: пренасочување на енергијата. Ако сакате да се откажете од нешто, мора да се пренасочите на нешто друго. Треба да си најдете некоја друга преокупација.
- Јакнење на умот: медитација, јога и др. источни практики.
- Упорност-мотивација: бидете упорни. Не се откажувајте. Пробајте да најдете мотивација во нешто што ќе ве стимулира да не се откажете.
- Самоконтрола: во секој случај најважен фактор на кој треба да работиме е како да ја зајакнеме нашата самоконтрола. Голем дел од гореспоменатите совети се однесуваат на тоа, но сепак не е лесно за една таква тема да ја решиме во неколку зборови. Затоа, секој посебно треба да си направи личен систем (стратегија) за јакнење на менталната и на емоционалната контрола.
Сè ова е доколку вие имате проблем со некое искушение. Се мачите и себеси и другите. Но, доколку уживате во тоа и не ви прави проблеми, или немате проблем да одолеете на кое било искушение, тогаш ништо од ова не важи за вас.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг