Според изјавите на повеќето пчелари од Кичевско-Бродскиот регион, состојбата на нивните пчеларници после зимскиот период е добра и речиси да нема угинувања и намалување на нивната бројност во сандаците.
- Зимата која е зад нас беше погодна за пчелните семејства, бидејќи студеното време ги оневозможи да излегуваат од сандаците поради минусните температури и тие во клубе со добра залиха на мед оставен од есенеска, ја одржуваат температурата и се подготвуваат за пролетниот период. Движењето на клубето во сандаците придонесува пчелните семејства да ја одржуваат температурата а со тоа да ја зачуваат и добрата здравствена состојба.
Важно е да напоменам дека сите пчелни семејства имаат одредени залихи на мед, што е предуслов за добра здраствена состојба, вели Јани Зердески пчелар од Кичево и нагласи дека со првите потопли денови кои се очекуваат од наредната недела, пчелите ќе излегуваат надвор ќе се прочистуваат и ќе се подготвуваат за цветањето на овошките и ливадите во природата.
Поедини пчелари се пожалија дека има угинување на помал број на пчелни семејства, но сметаат дека загубите и не се толку големи за да не можат нормално да пчеларат и дека ваквите загуби се очекувани.
- Иако зимата беше доста поволна и немаше големи врнежи од дожд или снег кои ќе придонесеа влагата во сандаците да биде висока а таа кондензација не оди во корист на пчелните семејства, сепак можев да забележам дека во два сандаци пчелите беа целосно изумрени и според моја проценка и она што го читам од литературата, причина за нивното изумирање е токму не излегувањето на отворено во текот на зимата, што ќе им овозможеше прочистување и подобро здравје во понатамошниот период, вели Миле Стојкоски пчелар од Бродско.