Младиот талент Амар има 14 години а за себе вели дека веќе е подготвен да стане тенисерот од Македонија за кој во иднина уште повеќе ќе зборува светот и ќе се натпрeварува на најголемите светски тениски турнири
Амар е првиот тенисер од земјава кој е рангиран на официјална тениска листа, се наоѓа на 13-тата позиција на Европската листа на тенисери до 14 години а на 30-та позиција на листата на тенисери до 16 години. Тенис тренира секој ден по 3 часа, има и кондициони тренинзи, но и јога вежби. Неговото име е Амар Хусеиновиќ, а омилен тенисер му е Ник Киргиос.
Ова е интервју со тенискиот првак на Македонија чија светла иднина се надзира, а напорната работа и тренинзи веќе му го пласираат патот кон големите натпреварувања
Кога би требало со неколку зборови да се претстави Амар, кој е тој?
- Јас сум Амар Хусеиновиќ, тенисер, имам 14 години и член сум на ТК МТП Скопје.
Од каде желбата за тенис и дали имате некој во семејството кој се занимава со овој спорт?
- Со тенис во нашата фамилија се занимаваме само јас и мојот постар брат, повеќето тренираат фудбал, кошарка, карате. Мојот тренер Круно Деспотовски е наш семеен пријател. Кога се врати од Америка и го отвори неговиот клуб моите родители го запишаа прво брат ми. Во тој период јас имав 5 години, и додека брат ми и другите тренираа јас ги гледав и посакував и јас да играм. Од тогаш го засакав овој спорт и веќе 9 години континуирано тренирам и се натпреварувам.
Обично е многу тешко дете да се насочи на само еден спорт, најчесто во тие години почнуваат, па се откажуваат... Кој или како успеа Амар да го насочи кон вистинскиот пат за успех?
- Јас следам и фудбал и кошарка и имам свои фаворити, но сепак тенисот е мој прв избор. Во нашиот клуб има терени и за фудбал и за кошарка, па во слободно време, надвор од тениските тренинзи, играме со другарите. Најголема заслуга за тоа што се насочив кон тенисот има мојот тренер и моето семејство, кои ми ја даваат најголемата поддршка.
Што е тоа што те мотивира? Кој е правилниот пристап за да младо дете не потклекне пред желбата за шетање, или дружба со врсниците туку да продолжи напорно да тренира?
- Како што реков тенисот е мој избор, моја професија и мотивот ми е да станам најдобар. Често патувам на турнири низ Европа и низ целиот свет, учествувам на повеќе од 20 турнири годишно, запознав многу мои врсници и повозрасни тенисери од мене. На турнирите освен што се натпреваруваме, ние и се дружиме и запознавам различни култури и секако се надградувам како личност. Немам чувство дека нешто ми недостасува.
Имаш освоено многу титули и медали. Може ли да се издвојат некои на кои си посебно горд?
- Горд сум на сите турнири што ги имам освоено, но и на многу мечеви кои ги имам победено и одиграно во повозрасните категории. Првиот турнир го освоив на мои десет години играв на отворено првенство во Србија со двегодини постари деца од мене, без изгубен сет на турнирот. Исто така би го издвоил првиот пат кога станав Државен првак, како и турнирите во двојки кои ги имаме освоено и во репрензетативен дрес и на Европски турнири со мојот другар и дубл партнер Филип Стојановски.
Колку пати дневно или неделно тренираш и каде?
- Тениски тренинзи имам секој ден освен недела, од 3 до 3 и пол часа во мојот клуб МТП. Кондициони тренинзи имам три пати неделно по 1 час и половина со мојот тренер Кристијан Кајчевски, а од неодамна почнав да вежбам два пати неделно по 1 час мобилити и јога со тренерот Мимоза Гацов.
Белиот спорт несомнено е скап спорт, како Амар успева да ги покрие трошоците, кој се грижи во земјава за младите таленти?
- Најголемата поддршка ја добивам од моите родители, имам поддршка и од АМС и од Тениската федерација, но тоа е многу мал дел од средствата кои ми се портебни за турнири и тренажен процес за една година. Се надевам дека ќе имам поголема поддршка во иднина. Со оглед на моите резултати и ранг во Европа, добив спонзорство од компанијата HEAD за тениска опрема. Сакам посебно да им се заблагодарам на неколку компании кои изминатите години ми помогнаа и овозможија да учествувам на турнири, а тоа се компаниите Комфи Ангел, АД Пановски, Орка Холдинг, Виталиа, Гемак и Пакомак.
Кој е најдобриот ранг на Амар и кој се идните планови?
-13-то место на ранглиста на јуниори до 14 години и 30-то место на ранг листа до 16 години во Европа. 864-то место на светската ранг листа за јуниори до 18 години (ITF). Оваа година планирам да играм само први категории турнири до 16 години и повеќе турнири ITF до 18 години. Исто така планирам да тренирам и да се спремам за професионалните турнири.
Дали Амар е свесен за своите квалитети и способности и спремен ли е да стане Светска тениска ѕвезда?
- Јас сум свесен за моите квалитети, но исто така сум свесен дека најголемата работа допрва доаѓа, спремен сум вредно да тренирам и да го дадам својот максимум за да дојдам до целта и да станам врвен тенисер.
Освен официјалната европска листа Амар во своето CV ги има и овие достигнувања:
- Репрезентативец на Македонија. 2019, 2020, 2021 и 2022година
- Спортска надеж од АМС 2019, 2020, 2021 и 2022 година
- Прв со интернационален ранг до 14години и до 16 години на ранг листа на Тениската Федерација (ТФСМ)
- Повеќекратен Државен првак до 12 и 14 години
Амар, горди сме на тебе и ти посакуваме многу светски успеси!