Градскиот трговски центар продолжува да книжи загуби во работењето. И минатата 2021 година, исто како и претходната, оваа компанија ја завршила со негативен финансиски резултат, иако загубата лани е малку намалена во однос на 2020 година.
Очигледно е дека некогаш многу популарниот „Трговски“ ја губи конкурентската битка со модерните молови од затворен тип кои никнаа во метрополата, и кои се наполнија со познати модни брендови, ресторани, но и други содржини кои го привлекуваат вниманието на се попробирливите потрошувачи. Она што е охрабрувачки за ГТЦ во минатата година во однос на претходната, е дека приходите се зголемени повеќе во однос на расходите.
Дали тоа ќе успее со оглед на тоа што годинава ќе биде една од најтешките економски години, барем како што прогнозираат економистите, ќе се види во наредниот период.
Кон крајот на минатата година Градскиот трговски центар беше атрактивен и по тоа што прво таму имаше голема истрага дека се краде струја, бидејќи наводно во подрумите на трговскиот се копале биткоини, но потоа МВР експресно го затвори случајот, утврдувајќи дека таму немало кражба на електрична енергија.
извор: faktor.mk