Критична, ризична и неизвесна ќе биде оваа туристичка година. Намалени се групите на нашите традиционални посетители од Белгија и Холандија, а откажани се и голем број аранжмани или можеби ќе се реализираат, но без гаранција, оценува бизнис секторот од Здружението за угостителство и туризам.
Ситуацијата е лоша, се остварија нашите предупредувања за падот од 60 проценти во 2021 година во однос на 2019-та, пред пандемијата. Неопходно е државата да создадае услови за туризмот, а институциите да си ја вршат работата. Треба да профункционира и Советот за туризам кој „не работи“ веќе 15 месеци и конечно да се стави во функција комитетот за туризам кој е формиран со официјална владина одлука уште во ноември 2020 година, реагира Здружението и додава дека македонскиот туризам буквално не мрднал од позицијата во 2020 година.
Според бизнис секторот, третманот на туризмот е сведен на „прошетки“ и „убавини“.
Од Здружението предочија дека во 2019 година приходите од труизмот биле околу 480 милиони евра, а според АППТ сега имаме три отсто помалку приход со 60 отсто помалку странски туристи и со пет отсто помалку домашни туристи.
Инаку, според податоците од Министерството за економија и од Владата, имаме 50 хотели помалку категоризирани во 2020-та и 2021-ва во однос на 2018-та и 2019 година и 47 туристички агенции со А лиценца помалку, односно од вкупно 180 хотели, сега имаме 130, а од 177 агенции имаме околу 140 со А лиценца, рекоа од Здружението.
извор: lider.mk