Откако цените на вештачките ѓубрива скокнаа до 300 отсто, земјоделците веќе штедат или планираат да штедат, односно да фрлаат помалку ѓубрива, со што ќе биде намален и приносот кај културите.
Од земјоделските аптеки потврдуваат дека имаат помал промет. Земјоделците купуваат помала количина на ѓубрива за разлика од претходните години.
„За некои култури купувањето на ѓубрива е намалено за 100 отсто, а кај други за 20 отсто, но севкупно сигурно има намалување за 50 отсто. За виновата лоза купуваат помалку, затоа што сметаат дека откупната цена нема да биде добра, скептични се, но помалку ѓубриво купуваат и за пченицата и јачменот, а тоа секако ќе се одрази на родот. Вреќа ѓубриво од 50 килограми чини 3.000 денари, а од 25 килограми е со цена од 1.500 денари. Има и поскапи ѓубрива, но овие се да речеме некои просечни цени“, велат од земјоделска аптека во Валандово.
Најпогодени ќе бидат јачменот, пченицата, и последните информации од терен покажуваат дека фали азот во почвата, односно тоа се манифестира со пожолтување на житариците. Тие ќе бидат погодени пред сѐ затоа што се работи за големи површини, додека кај раноградинските култури е малку поинаку.
извор: faktor.mk