Годинава со 130 милиони денари ќе се поддржуваат проекти и ќе се инвестира во подобрувањето на квалитетот на животот во руралните средини. Средствата се наменети за селските патишта, за мостови, водоснабдување, добиточни пазари и за младински и културни центри. Неповратната финансиска помош локалните власти ќе можат да ја добијат преку програмата за рурален развој..
130 милиони денари од програмата за рурален развој годинава им стојат на располагање на селските општини, на единиците на локалната самоуправа каде што се наоѓа руралната средина и на Центрите за развој на планските региони.
Неповратната финансиска помош е наменета за подобрување на квалитетот на живеење и на животниот стандард во овие подрачја. Односно, средствата ќе може да се искористат за подобрување на инфраструктурата, за изградба на патишта за поврзување на две или повеќе села во должина до 5 километри, или до 7 километри за поврзување на села со регионалната патна мрежа или со град.
Пари ќе има и за изградба на телекомуникациска мрежа во села со најмногу до 500-тини жители, а до 1.500 за инвестиции во системи за водоснабдување и канализација како и за пазари за продажба на земјоделските производи.
Руралните општини со овие субвенции ќе можат да градат и места каде што ќе се продава живиот добиток како и за градба на детски, младински и пензионерски културни центри или клубови во населените места, односно селата.
Неповратната финансиска поддршка по барање на корисникот ќе може да се добие во вид на авансна исплата од 20 проценти од вредноста на одобрените трошоци, или на две рати, или согласно со реализацијата на фазите на инвестицијата.
извор: mrt.com.mk