Рекорден број огласи за работа во Словенија е објавен на порталот за барање работа MojeDelo.com. Во моментов 900 работодавачи бараат речиси 5.000 нови работници.
Порталот преку соопштение наведува дека во периодот пред короната имале околу 2.000 огласи за вработување. За време на епидемијата со Ковид-19, тој број накратко падна на 700, а потоа повторно се искачи на 2.000.
Според порталот, потребите на работодавачите ја надминале понудата на пазарот на трудот, особено во областа на информатиката и дефицитарните занимања. Годинава, според нивните податоци, десетте најбарани профили се производствен работник, продавач, магационер, комерцијалист, машинист, машински инженер, месар, информатичар, електричар и готвач.
Во споредба со лани, побарувачката за машински инженери и готвачи е поголема, а намалена е побарувачката за продажни консултанти и продажни претставници, се вели во анализата на порталот.