Наметнато од неискоренетите стереотипи во традиционалните семејства, според искуството на експертите, најчесто очекувањата се дека девојчињата Роми треба да останат во семејството, да помагаат околу домаќинството, да се грижат за своите помали браќа и сестри, а таму каде што има млади мајки да се грижат за своите деца. Тоа е и клучната и главната причина зошто го напуштаат образованието, но не е единствената.
Според законот за семејство, во брак може да стапи лице кое има наполнето 18 години. Во случај лицето да е малолетно надлежниот суд може да одлучи дека лице коешто наполнило 16 години може да стапи во брак, доколку исполнува одредени критериуми за физичка и ментална зрелост по процена од центарот за социјални работи и здравствена институција да добие дозвола да стапи во брак.
Но, иако се ретки, постојат малолетнички бракови што не можат да се официјализираат заради тоа што лицата кои сакаат да живеат во брачна заедница не го исполнуваат тој законски минимум од 16 години.
Освен што малолетничките бракови имаат негативно влијание врз здравјето на младите девојчиња тоа е и една од причините за напуштањето на училиштето.
Министерството за образование нема скратена програма со која на овие деца би им се овозможило да го надоместат пропуштеното образование за да може полесно да продолжат. Бидејќи знаеме од пракса дека голем дел од децата иако би се вклучиле во образовниот процес на 10 или 11 годишна возраст по природа не можат да се вклопат средината во којашто учат ученици од 6 и 7 годишна возраст. Тука наидуваат на големи проблеми како што се дискриминацијата, сегрегацијата на децата. Значи тоа се еден вид на проблеми коишто се како низа проследени и оттука произлегуваат и тие малолетнички бракови кај децата и голем дел на малолетните мајки коишто имаат свои деца не можат да се вклучат понатаму во образовниот процес, не поради тоа што тие не сакаат туку поради тоа што така ни е поставено во моментов образованието.
Дополнителен проблем е и тоа што за жал сè уште постојат деца кои не поседуваат лична документација и од тие причини не можат да се запишат во училиштата и да посетуваат настава или пак не се запознаени со своите права за образование.
извор: meta.mk