Од најоддалечените длабочини на океанот до најдлабоките делови на белите дробови, се чини дека микропластиката навлегла во секој дел од нашиот живот, вклучувајќи го и човечкиот гастроинтестинален тракт.
Медицинскиот универзитет во Виена неодамна објави студија во списанието Exposure & Health, која покажува дека просечно пет грама пластични честички влегуваат во гастроинтестиналниот тракт на една личност неделно. Претходните студии веќе открија честички во човечката крв и органи. Утврдено е и дека микропластиката им штети на неродените бебиња.
Што е микропластика?
Од 1950-тите па до сега, луѓето произвеле повеќе од 8,3 милијарди тони пластика, од кои 79 отсто завршиле на депониите и животната средина. Отфрлената пластика се распаѓа на микро и наночестички кои влегуваат во водните патишта и почвата. Микропластиката со големина помеѓу 0,001 и 5 милиметри и нанопластиката помала од 0,001 милиметри на крајот влегуваат во нашиот синџир на исхрана преку морските плодови или дури и овошјето и зеленчукот.Тие можат да влезат во телото и кога пиеме од пластични шишиња, а луѓето кои пијат 1,5 до 2 литри вода дневно од такви шишиња, консумираат 90.000 пластични честички годишно.
„Оние кои избираат вода од чешма можат, во зависност од нивната географска локација, да ја намалат количината на пластични честички што се апсорбираат на 40.000“, се вели во студијата на Медицинскиот универзитет во Виена.
Друг извор на овие честички се микрогранулите, кои намерно се користат во многу производи за здравје и убавина. Студијата ни покажа дека речиси 9 од 10 козметички производи од водечки брендови како што се L’Oréal Paris, Garnier, Nivea, Gillette, Oral-B, Head & Shoulders и други брендови содржат микропластични честички. Овие честички се враќаат во човечкото тело откако ќе навлезат во водните текови.
Кои здравствени ризици се идентификувани?
Прашањето дали внесените микро и нанопластики претставуваат ризик по здравјето е испитувано во бројни студии, но до денес е во голема мера непознато.
Истражувачкиот тим од Медицинскиот универзитет во Виена во својот извештај ја сумираше моменталната состојба на научните сознанија, посочувајќи дека внесените честички кои минуваат низ гастроинтестиналниот тракт доведуваат до промени во составот на цревниот микробиом. Овие промени се поврзани со метаболички болести како што се дебелината, дијабетесот и хронично заболување на црниот дроб.
„Честичките можат да предизвикаат локално воспаление и имунолошки одговор, а нанопластиката особено е откриено дека предизвикува хемиски реакции вклучени кај ракот“, се вели во студијата.
Што можете да направите за да спречите честички да влезат во вашето тело?
Загревањето храна во микробранова печка во порцелански садови наместо во пластика и проветрување на домот се некои од решенијата предложени за намалување на апсорпцијата на пластичните честички.
Избегнувањето на пластична амбалажа при купување храна исто така може да помогне. Студиите открија присуство на честички во кесичките чај, па дури и во претходно зготвениот ориз.
Исто така, важно е да се пие филтрирана вода од чешма, бидејќи ги намалува апсорбираните честички за речиси половина во споредба со флашираната вода.
Нашата облека испушта многу синтетички честички при перење. Филтер со влакна во вашата машина за перење може да го спречи миењето на микропластиката. Но, исто така е важно целосно да се избегнуваат синтетички влакна и наместо тоа да се изберат природни материјали како волна, свила и коноп.
И, се разбира, секогаш е важно да се поддржат политиките кои имаат за цел да ја ограничат пластиката за еднократна употреба, се наведува во студијата на виенскиот факултет за медицински науки објавена во списанието Exposure & Health а за која објавува Euronews.