Ѓорѓе Оташевиќ од Беране, Црна Гора е првиот научник – вампиролог. Со оваа титула се здобил откако пред една година магистрирал на Факултетот за политички науки во Подгорица на тема “Вампир или човек, моќ или страв“.
Ова всушност е единственото дело, уникатен научен труд не само во Црна Гора, туку и на Балканот. Својата мотивација за да истражува во оваа досега недопрена област ја пронаоѓа во фасцинацијата, стравот и митологијата на луѓето од овие краеви од вампирите, но и воопшто меѓу луѓето од целиот свет.
“Околу мене, кога се научните трудови на мојот Факултет за политички науки во прашање, постои тренд да се интересираат за ЕУ, НАТО, стратегии и социјални движења... мене ме интересираше традицијата, и тоа социолошкиот, етнички, верски и национален однос кон митовите, во мојот случај – кон вампирите. Тоа не е тренд, тие митови, стравови и верувања постојат во народот од кога тој памети за себе и постојано се тука. Луѓето кои само слушнале за мојот труд зборуваат небулози, иако ниту ме знаат ниту пак читале било што од научниот труд – вели Ѓорѓе.
Оташевиќ којшто дипломирал и магистрирал на Факултетот за политички науки оваа тема ја истражувал цела година и не знае дали и како своето знаење и наука за вампирологија ќе ги употреби во иднина.
Иако магистер по политички науки, тој ја живее класичната балканска судбина на младите луѓе па покрај сите школи и науки работи како келнер во локално кафуле.