За време на четиридневниот велигденски викенд, од утре до недела, дојранчани ќе ја имаат првата генерална проверка пред годинашнава туристичка сезона за која велат дека се веќе подготвени да ги пречекаат сите гости кои ќе свратат во Дојран по укинивањето на антиковид мерките.
Градоначалникот Анго Ангов потврди дека сместувачките капацитети во приватниот сектор, каде соба или апартман се издаваат од 1.000 до 1.500 денари на ден, се целосно пополнети што значи дека моментно во Стар Дојран, заедно со сопствениците на викендици, има околу 3.000 луѓе, а од утре попладне бројката континуирано ќе расте со пристигнувањето на гостите.
- Очекуваме за празниците во Дојран да престојуваат од 10 до 12 илјади гости од земјава и еднодневните кои моментно најмногу ни доаѓаат од Грција. Имам чувство дека Дојран дополнително се полни со гости, претежно млади, но сите подготвено ќе ги прифатиме, вели Ангов.
Во зависност од временските прилики, градоначалникот Ангов на гостите им препорачува да ги посетат дојранските знаменитости, реконструираната Саат кула и турската бања, до кои е изградена нова патека, рестораните и кафулињата кои, покрај специјалитетите од риба, ќе се потрудат да им организираат забави и на плажа, како и православните храмови, особено црквата „Свети Илија“ во Стар Дојран која ќе биде најпосетена во пресрет на Христовото воскресение Велигден.
Најавата дека Дојран е целосно распродаден за продолжените празнични викенди, оваа и идната недела, според Ангов, за разлика од лани, е во насока на многу побериќетна летна туристичка сезона на Дојранското Езеро.