Според чл.137ст.1и 2 од ЗРО е утврдено дека работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, со тоа што со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи до 26 работни дена.
Во чл.138 од ЗРО се нагласува дека траењето на годишниот одмор во секој одделен случај се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективен договор.
ЗРО предвидува можност годишниот одмор да се користи во два дела со тоа што првиот мора да трае најмалку 12 работни дена и да се искористи до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни наредната година.
Работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за право на користење на годишен одмор.
Императивниот карактер на одредбите со кои е уреден годишниот одмор го потврдуваат и прекршочните одредби од ЗРО (чл.264 ст.1 т.15, ст.2и 3), со кои е предвидена прекршочна одговорност на работодавачот ако на работникот
а) не му обезбеди годишен одмор во согласност со ЗРО и
б) не издаде решение за годишен одмор.
Па согласно ова, доколку вашиот работодавач не ги почитува одредбите од законот, може да се обратите до државниот трудов инспекторат и да побарате заштита на ова Ваше право.
Исто така во чл.145 ст.1 од ЗРО е предвидено дека Работникот по престанувањето на работниот однос по кој било основ има право на обесштетување за неискористениот годишен одмор.