Има доста случаеви кога пензионерите од Скопје се селат во помалите места во Македонија, каде е мирно, тивко, а обично и трошоците за живот се помали.
Од faktor.mk пишуваат:
Оваа појава не е масовна, но сепак постои. Од агенциите кои се занимаваат со продажба на недвижен имот велат дека последните неколку години почесто се случува луѓето кои се во пензија или се на возраст над 50 години да се преселат, да си купат стан во некоја од помалите општини. Некогаш е тоа од економски аспект, така што ќе продадат поголем стан во Скопје и за пониска сума ќе купат мал стан во некој од помалите градови, со што им останува добра сума на пари или пак ако се селат, тоа го прават за лична сатисфакција. Од агенцијата за недвиожен имот „Меѓа“ од Струмица велат дека има доста пензионери кои земаат странски пензии, и за живот ја бираат Струмица.
Се случува луѓе од Скопје да купат имоти во Крушево, Берово, Дојран, со цел таму да ги поминат пензионерските денови.
„Шест месеци или година дена пред да влезат во пензија, тие активно бараат станови. Има и пензионери кои од првиот ден откако ќе влезат во пензија се во Дојран. Им се допаѓа местото затоа што е воздушна бања. Блиску им е Гевгелија, каде имаат банки, имаат сè, но и Солун. 90 отсто од клиентите кај нас се пензионери, и тоа од Скопје, Куманово и дел од Струмица“, велат од Дојран Билдинг Инвестмент.
„Порано имаше повеќе, а сега поретко се случува пензионери од главниот град да купат станови во Охрид, затоа што цените скокнаа. Оние кои претходно купуваа станови, бараа локации во центар и тоа до 50 квадрати“, објаснуваат од охридска агенција за недвижности.
„Јас имам викендичка во околината на Скопје, а сакав да најдам куќа во Берово, од здравствени причини, поради чистиот воздух, и тој дел од Македонија отсекогаш ми бил убав, ми се допаѓа местоположбата. Сакав да најдам мала куќа, а потоа просторот може да се преуреди по желба. На пензионер што му е потребно освен бања, мала кујна, кревет? Ако младите мигрираат во градовите, старите можат да мигрираат во малите места. И ова не е само кај нас. Ако можат Англичаните, зошто не можеме и ние? Баш имаше пример во Бугарија во едно село, неколку британски фамилии купиле имоти. Ја посетив Хрватска и таму видов дека имаат наплив на Полјаци, исто и во Црна Гора имаа наплив на Руси кои купуваа имоти, иако тоа беше повеќе за бизнис“, раскажува скопјанка.
Таа додава дека малите места имаат свои предности во однос на големите градови каде сè е на трчање, на брзање, има метеж, и загаден воздух.