Стапува на сила нов Правилник за обновливи извори на енергија со кој се овозможува секое домаќинство и деловен субјект да може да постави фотоволтаик на својот покрив и да ја продава струјата.
„Од утре секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник ќе може да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач, при што вишокот на преземента електрична енергија во пресметковниот период е просечната набавна цена на електричната енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи. Исто така, со цел да се поттикне инвестирањето во обновливи извори на енергија, Владата, на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година.“, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
Средствата за реализција на оваа програма се во износ од 60.000.000 денари и истите ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на споственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.
Во наредниот период ќе биде распишан јавен оглас, на кој заинтересираните домаќинства ќе имаат право да аплицираат за остварување на надомест на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка.