Советот на ЕУ денеска даде зелено светло за продолжување на користењето на дигиталните сертификати за ковид до 30 јуни 2023 година.
Проширувањето на оваа регулатива ќе обезбеди дека патниците од ЕУ, како и оние од трети земји поврзани на системот, ќе можат да продолжат да го користат дигиталниот сертификат за патување во рамките на Унијата во земјите-членки каде што овие сертификати и понатаму се потребни.
Во соопштението на Советот на ЕУ се наведува дека дигиталниот сертификат за ковид одигра важна улога во овозможувањето слободно движење на луѓето за време на пандемија и дека регулативата може да се укине порано доколку тоа го дозволи здравствената состојба.
Иако во поголем број на земји членки употребата на дигиталните ковид сертификати во моментов не е задолжителна за слободно патување, поради зголемениот број на заразени и хоспитализирани поради вирусот Sars-Cov2 истиот би можел да се врати во употреба низ Европа во наредниот период.