Бидејќи омикрон сојот го предводи бранот на Ковид-19 во Европа, земјите мора да ја забрзаат вакцинацијата и повторно да воведат мерки како што е носењето на маски за да се избегнат построги мерки во есен и зима, изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.
Во интервју за Ројтерс, Ханс Клуге ги повикал земјите да преземат итни мерки за да се избегне преоптоварување на здравствените системи поради брзото ширење на подваријантата омикрон БA.5. Речиси три милиони нови случаи на Ковид-19 беа потврдени минатата недела во европскиот регион, што претставува речиси половина од сите нови случаи ширум светот, пренесува медиумот.
„Имаме зголемување на новозаразените случаи, во општество кое функционира речиси како порано “, изјавил Клуге.
Тој ја нагласил потребата од таканаречени стабилизатори на пандемијата, како што е втора доза на вакцинација пред најавените вакцини за специфичните видови наесен, како и носењето на маски и проветрување на просториите.
„Тие стабилизатори мора да се применат за да се избегнат многу построги мерки“, предупреди тој.
„Не мислам дека општеството е подготвено да нареди нови затворања“, посочил тој.