Танзаниската влада инсталирала брз интернет на падините на планината Килиманџаро, овозможувајќи им на сите кои имаат паметни телефони веднаш да го објават своето искачување на највисоката планина во Африка на Твитер, Инстаграм и сите останати социјални мрежи.
Државната телекомуникациска корпорација на Танзанија инсталирала широкопојасна мрежа на надморска височина од 3.720 метри, а министерот за информации Напе Наује го означил ваквиот настан како „историски“.
„Досега беше прилично опасно за посетителите и водичите кои мораа да се искачуваат без пристап до интернет“, изјавил Наује на церемонијата по повод започнувањето на услугата, опкружен со владини претставници и туристи.
„Сите посетители ќе можат да се поврзат на интернет до оваа точка“, објаснил министерот во Хоромбо, еден од камповите на патот до врвот на планината.
Тој ветил и дека врвот на планината висока 5.895 метри ќе има интернет конекција до крајот на годината. Минатата година, владата на Танзанија објави планови за изградба на жичарница на јужната страна на Килиманџаро, што предизвика немир меѓу планинарите, организаторите на експедициите и еколозите.
Планината Килиманџаро е важен извор на приходи од туризмот во Танзанија и соседна Кенија, со околу 35.000 луѓе кои секоја година се обидуваат да стигнат до врвот. Овековечена во краткиот расказ на Ернест Хемингвеј „Снеговите на Килиманџаро“, планината е дел од национален парк, а исто така е дел од светското наследство на УНЕСКО.
Технологијата сè повеќе се инфилтрира во светот на планинарењето. Алпинистите на Монт Еверест уживаат лесен пристап до безжичен интернет, а благодарение на агрегатите за производство на електрична енергија, тие можат да споделуваат фотографии од својот поход, но и да повикаат помош во случај на несреќа.
Спротивно на тоа, кога Едмунд Хилари и Тензинг Норгеј го искачија врвот на највисоката планина на светот на 29-ти мај 1953 година, веста стигна до надворешниот свет дури на 2-ри јуни, токму на време за крунисувањето на кралицата Елизабета Втора.