Побарувачката за закуп на недвижности на стартот на новата учебна и академска година почнува да се зголемува и ситуацијата е подобра од претходната година, меѓутоа не е како пред почетокот на пандемијата.
Цените растат, меѓутоа имајќи ја предвид економската моќ на населението не се очекува толку драстично да се зголемат.
Најголем интерес за закуп на недвижности во главниот град, според информациите од агенциите за недвижности има за домување, а за деловен простор се помалку. Исто така, побарувачката во најголем дел е од домашни државјани, додека странци има се помалку.
-Може да се каже дека пандемијата различно се одрази врз продажбата од една, и закупите од друга страна. Додека побарувачката за станови порасна, кај закупите не се забележа тој позитивен тренд. Состојбите се полоши од пред три години, посочуваат од Групацијата.
Според податоците од Регистарот на цени и закупи, просечната цена за закуп на стан и во првите два квартала годинава кај скопските општини е највисока во Центар, а најниска во Ѓорче Петров.
Во Центар, во првиот квартал годинава метар квадратен станбен простор се издава во просек за 299 денари, по што следат Карпош со 269, Аеродром со 260, Кисела Вода со 213, Гази Баба 198, Чаир 183, Ѓорче Петров со 164.
Веќе во вториот квартал се забалежува мал раст, односно во Центар се плаќа по 303 денари по метар квадратен станбена површина, во Карпош 263, во Аеродром 241, Кисела Вода 202, Гази Баба 193, Чаир 174, а Ѓорче Петров 166 денари.