Нумизматичарите никогаш не размислуваат за паричната вредност на монетите и банкнотите, вели штипјанецот Пане Кукушев кој собирањето стари пари како уметнички предмети го наследил од неговиот татко.
Штипјанецот Пане Кукушев речиси 30 години е во светот на нумизматиката. Собирањето стари пари како уметнички предмети го наследил од неговиот татко. Во 1993 година од својот татко добива околу 500 монети и банкноти, сега во неговата колекција има околу 2.500 примероци од 100 држави, кои и сега постојат, а има и примероци стари седум века.
По вокација е економист, а пасијата да собира стари монети и банкноти му е наследена. Но, како што вели, токму ова го предизвикало и подлабоко да ја истражува монетарната историја низ историските периоди.
– Нумизматичарите никогаш не размислуваат за паричната вредност на монетите и банкнотите. Јас размислувам на еден друг момент што кај мене се јавува, а тоа е љубопитноста да откријам и да имам примерок кој во свои раце ќе го држам. Имам многу дупли примероци и никогаш немам продадено примерок, секогаш подарувам. Не знам колку примероци имам досега подарено и никогаш тој момент на парична вредност не бил во прашање, туку љубопитноста да го имам, да комплетирам одреден период од одредена држава, од одреден владетел, и низ сето тоа да истражува за неа, вели Кукушев.
Кога ги собира монетите и банкнотите го интересираат нумизматичките аспекти, но истражува и своето внимание го насочува и кон владетелите, кога биле ковани монетите или печатени банкнотите. Опфаќајќи го историскиот период пред и по владетелот кој му е предмет на истражување.
– Третиот момент, кој мене посебно ме интересира како економист по образование, е монетарниот систем во моментот кога е кована монетата. Така што за секоја држава имам дадено опис на монетарниот систем во моментот кога е кована или издадена парата, истакна Кукушев.
Овие негови истражувања, знаење, веќе се преточени во книгата „Каталог на светски монети, колекција Кукушев“, а е објавена 2013 година. По објавувањето на оваа книга реди уште неколку книги, во кои открива и ја истражува нумизматиката од сите аспекти.
На колекционерите им препорача доколку дојдат во допир со примероците од банкноти и монети од кралицата Елизабета Втора да си ги задржат, бидејќи тие ќе станат колекционерски примероци.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА: nezavisen.mk