Италијанското Министерство за еколошка транзиција потпиша нова регулатива за заштеда на енергија со која се заоструваат максималните температурни граници и се скратува периодот на загревање на гас во текот на зимата.
Како што се наведува во соопштението на министерството, грејното време во текот на денот ќе се скрати за еден час, додека вкупната зимска грејна сезона ќе се скрати за 15 дена, така што „почетокот на грејната сезона ќе доцни осум дена, а крајот ќе биде седум дена порано“, пренесува порталот Локал Италија.
Уредбата, исто така, ја заострува границата на максималната внатрешна температура во зградите, наложувајќи им на компаниите да не надминуваат 18 Целзиусови степени (претходно беше планирано 19 степени), а граѓаните мора да го постават греењето на максимални 19 Целзиусови степени наместо првично планираните 20 степени.
Новите ограничувања нема да важат за „места за богослужба, јасли, градинки и базени“ ниту за „згради чии системи за греење се потпираат на обновливи извори на енергија“, објави Министерството, пренесува СЕЕбиз.
Се додава дека „во случај на исклучително тешки временски услови, локалните власти ќе имаат овластување да дозволат греење надвор од времето определено со уредбата“.
Според студијата на националниот регулатор за електрична енергија ЕНЕА, цитирана од Локал Италија, новите ограничувања би можеле да и овозможат на земјата да заштеди дури 2,7 милијарди кубни метри гас во текот на зимската сезона.
Новиот план за заштеда на енергија е придружен со голем број други мерки насочени кон решавање на енергетската криза во земјата. Италија, заедно со другите земји од ЕУ, се бори со рекордно висока инфлација, главно поттикната од растот на цените на енергијата. Земјата се потпира на увоз за речиси 75 отсто од својата енергија. На почетокот на оваа година увезуваше 40 отсто од гасот од Русија, но во јули тој процент се намали на 25 отсто поради санкциите против Москва.