Грејната сезона почна со проблеми во неколку здравствени установи. Пациенти и нивни роднини реагираат дека една недела нема парно на Клиниката за инфективни болести, а немало ниту алтернативно греење.
Проблеми со затоплувањето изминатите денови имале и во Детската болница Козле. И двете установи се уште третираат Ковид пациенти и други со компликации од други респираторни инфекции.
Од Инфективна потврдија дека поради застарена инсталација која е поставена пред 40-тина години дошло до пукање на неколку вентили и морало да се исклучи греењето за да не се предизвикаат посериозни проблеми. Од установата уверуваат дека до крајот на денот во целата зграда ќе биде пуштено парно.
Проблемите со греењето се случуваат во период кога во болницата има зголемен број на болни деца. Во моментот хоспитализирани се 46 мали пациенти, а само изминатото деноноќие во амбулантите биле прегледани 120 дечиња, повеќето имале бронхопневмонии.
извор Сител