Од 1 ноември на сите сопственици на автомобили со српски регистарски таблички во Косово ќе им биде издадено предупредување со барање да се обратат до Центарот за регистрација на возилата, изјави портпаролката на косовското Министерство за внатрешни работи, Нора Фетоши.
Фетоши за Радио Слободна Европа изјави дека од 21 ноември годинава до 21 јануари 2023 година сопствениците кои сè уште имаат автомобили со српски регистарски таблички во Косово ќе бидат казнети со 150 евра.
Фетоши изјави дека сите сопственици на автомобили со српски регистарски таблички до 30 март ќе може да ги користат поволностите за пререгистрација на своите автомобили со таблички РКС.
Владата на Косово претходно најави дека одлуката за регистарски таблички ќе ја спроведува во три фази.
Според податоците на косовската полиција, досега само 20 возила од речиси 9.000 се пререгистрирани со РКС-таблички.