Цената на бананите, едно од најпопуларните овошја во Франција, следната година би можела да скокне за околу 20 отсто поради зголемените трошоци за енергија, пишуваат француските медиуми.
Во Франција годишно се јадат околу 700.000 тони банани.
На патот од дрвото до пазарот, бананите акумулираат дополнителни трошоци за транспорт, пакување, вештачко ѓубриво, како и складирање во комори за зреење, за кои е потребно големо количество електрична енергија, јавува мрежата BFMTV.
Поради наглото поскапување на енергенсите значително ќе се зголемат трошоците за зреење на бананите.
Како резултат на тоа, цената на бананите може да се зголеми до 20 проценти во 2023 година.
– Овој сектор повеќе од една година се бори со зголемени трошоци за ѓубрива, амбалажа и транспорт. Струјата ќе стане дополнителен фактор кој ќе создаде сериозни потешкотии – вели шефот на организацијата што ја претставува француската индустрија за банани, Филип Пон.