Граѓаните и понатаму вртат низ населбите барајќи место за возилата, се нервираат, ставаат канти за да сочуваат слободно место за паркирање, се расправаат меѓу себе и досега никакви апели и жалби не им ја олеснија маката.
Со години жителите на населбите Карпош 1 и 2, како и оние што живеат во реонот на Млечен и кај Порта Влае, имаат сериозни проблеми со паркирањето, но досега не добија никакво решение. Беа спроведувани анкети, беше најавувано зонско паркирање, монтажни гаражи, но сѐ уште ништо не е реализирано.
Проблемите веројатно се најголеми во Карпош 1 каде што возилата си ги оставаат луѓе што работат преку улица, поточно преку Рузвелтова, во Центар, каде што паркирањето скапо чини или е наменето само за резиденти.
– Значи, буквално со години се ветува и ништо. На улиците и на паркиралиштата во населбава можат да се најдат возила од цела Македонија, а ние што живееме тука, немаме каде да се паркираме кога ќе си дојдеме дома. Секој ден нервози, буквално секој ден. Половина час вртиме низ населба барајќи слободно место – раскажува револтирано жител на Карпош 1.
Беше најавено дека не само во населбите Карпош 1 и Карпош 2, туку на целиот потег од улицата Франклин Рузвелт до булевар Осми септември ќе се воведе зонско паркирање, односно во делот од Карпош што граничи со Центар. Најавен беше проект за регулирање на сообраќајот за потегот од Министерство за економија до „Салон 29“, а со зонско паркирање ќе биде опфатен и целиот простор кај Млечен и кај „Веро“ во Тафталиџе.
Сепак, сите тие планови засега остануваат само на хартија. Карпошани и натаму се во очекување да се најде решение за хаосот со паркирањето на овие неколку локации и да им се олесни секојдневното функционирање на тамошните жители.
извор: slobodenpecat.mk