Статистика повторно евидентира раст на просечната плата, но граѓаните не се согласуваат околу овој податок. Голем дел прашуваат како може да расте просекот кога платите со години остануваат исти?. Дополнително уште поголем товар е инфлацијата, поради која драстично се намалува нашиот животен стандард. Дилемата која се наметнува со евидентирањето на просечната плата е колу истата е одраз на примањата и можностите на граѓаните. Но, и дали просечната плата е вистинскиот приказ за примањата на мнозинството или не?.
Економистите за „Фактор“ укажуваат дека дополнителен проблем кој се наметнува со инфлацијата, осносно поскапувањето на производите во малопродажба е намалувањето на вредноста на реалната плата.
Експертите појаснуваат дека граѓаните мора да прават разлика помеѓу номиналната и реалната плата. Номиналната плата е износот на пари што го добиваат работниците за извршената работа. Додека пак, реалната плата е колку стоки и услуги можат да се купат за тие пари, колку вредат парите што ги заработиле. Тие потенцираат дека токму во услови на инфлација, како што ни се случува сега номиналната плата губи важност како мерило за повишувањето на платите.
Тие посочуваат дека, секој граѓанин може да си направи математика сам за себе. Посочува дека ако инфлацијата е 20 отсто, тогаш, во случај номинална плата на еден работник да останала иста во споредба со истиот месец претходната година, тоа значи дека неговата реална плата се намалила за 20 проценти, односно за цела една петтина. Исто така, како пример се посочува и ситуација каде на работникот номинална плата му пораснала за 5 отсто, но ова значи дека неговата реална плата не пораснала, туку паднала за сериозни 15 проценти.
Економистите исто така велат дека не треба да се мешаат просечната и средната плата, со напомена дека со пресметување на средна плата ќе се добие пореална слика за приходите на македонските работници. Просечната плата не значи дека 50 проценти од вработените земаат плата до тој износ, а 50 отсто над тој износ, туку тоа би било средна плата.
Просечната плата е просек од сите плати, просек на платите од 18.000 денари и 18.000 евра месечно. Притоа,можно е платите на работниците да останат исти, а платите на менаџментот и директорите да растат, што резултира со пораст на просечната плата и со илузија дека ни се подобрува животниот стандард.
Показател дека нашите плати се' уште се ниски е и податокот дека просечното домаќинство во Северна Македонија наменува околу 67,2 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби како храна, облека, домување и покуќнина.