По одлуката на Уставниот суд дека недела треба да остане неработен ден за најголемиот дел работници во Македонија, бизнисмените кои имаа намера тоа да го променат велат дека нема да се откажат од својата идеа.
Од друга страна синдикатите се задоволни со одлуката и се надеваат дека ова е последниот неуспешен обид на газдите да им го земат правото во недела да одмараат.
Уставниот суд пред неколку дена донесе одлука дека нема ништо спорно во законот, недела да е неработен ден. Стопанствениците пак за Денар велат дека законот нема бизнис логика. Од Стопанската комора посочија дека нема да се откажат да направат промени во законот.
Бизнисмените велат дека тоа што Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за измените на Законот за работните односи во кој беше оспорено работењето во недела, не е причина да не ги продолжат разговорите со Владата, со цел конципирање ново законско решение што ќе биде прифатливо за сите.
„Во моментов, законското решение што е во важност, нема бизнис-логика, а има многу можности за негово прилагодување, кои не се спротивни на Уставот. Притоа ги имаме предвид компаративните искуства од опкружувањето, па дури и од членките на ЕУ, каде што работата во недела не е ограничена на ваков начин како кај нас, а сепак не е спротивна на уставните принципи. Во тој правец ќе дејствуваме и ние во следниот период“, велат од Стопанската комора.
Од Сојузот на синдикати на Македонија се на став дека во никој случај правата од работен однос во демократските држави не смее и не може да се креира само врз основа на вољата и барањата на некои работодавачи кои се мотивирани само од својата желба за поголем профит, без притоа да се води грижа за остварување на работничките и човековите права.
Работодавачите од самиот старт се против идејата за недела неработен ден. Нивниот предлог е да се остави на волјата на стопанственикот, дали компанијата ќе работи во недела или не. Тие работници кои ќе бидат ангажирани и натаму да добиваат зголемени дневници, а инспекторите тоа да го контролираат со засилени мерки. Синдикалците пак сметаат дека недела е ден за одмор и време резервирано за семејството и пријателите.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА: denar.mk