Двојно пораснал бројот (од 17 на 32 отсто) на оние што рекле дека „дефинитивно“ или „веројатно“ приватниот сектор е подобро место за работа. Бројот на оние што одговориле дека јавниот сектор е „дефинитивно“ подобар паднал од 46 на 33 отсто.
Ова го покажуваат резултатите од анкетата што ја спроведе Интернационалниот републикански институт – ИРИ во октомври годинава, врз репрезентативен примерок од 1.207 испитаници.
Резултатот е изненадувачки бидејки до скоро сите беа за мотото „дрмај врата земај плата„ вистински куриозитет е што резултатите од анкетата покажаа дека опаѓа атрактивноста на вработувањето во јавниот сектор, особено ако се споредат 2017 и 2022 година.
А во однос на животот?
Македонските граѓани ниту се задоволни од тоа како живеат, ниту очекуваат дека тоа ќе се смени на подобро. Напротив, поголемиот дел сметаат дека работите само ќе се влошуваат.
Трендовите на намалени очекувања и на црни прогнози може да се видат, не само од последната анкета, туку и од споредбените резултати за 12 години наназад.
На пример, од 2010 досега, никогаш немало повеќе луѓе што одговориле дека државава се движи во погрешна насока, ниту помалку што одговориле дека таа оди во вистинската насока. Дури 58 отсто рекле дека земјата оди кон полошо, што е речиси двојно повеќе од лани (30 отсто). Тоа е на исто ниво со април 2016, време кога имаше политичка криза.
Работите одат напред според само 13 отсто испитаници, што е апсолутно најниско ниво досега. Пред четири и пол години, во јули 2018, оптимистички настроени биле 37 отсто, што било еден од најдобрите резултати дотогаш. Но, во меѓувреме, најголемиот дел од тој оптимизам се стопил.