Во земјава 205 населени места се испразниле, а 218 се со помалку од 10 жители
Би можело да ве интересира: Скопје и Будва во трка за европска престолнина на културата во 2028 година
Во Македонија има вкупно 1 781 населено место, а 205 се празни, покажува последниот сет објавени податоци од пописот спроведен во 2021 година од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Населено место со најголем број на жители е Скопје – 526 502. Во Општина Аеродром има најмногу жители – 75 108, а по неа следуваат градовите: Куманово со 75 051 жител, Битола со 69 287 жители, Прилеп со 63 308 жители, Тетово со 63 176 жители итн.
Во однос на други параметри, Аеродром предничи и по бројот на домаќинства и по бројот на станови.
„Според бројот на домаќинства, најмногу домаќинства има во населеното место Скопје – Аеродром – 27 026, па следуваат градовите: Битола со 24 974, Куманово со 23 451, Прилеп со 22 763, Тетово со 17 948, а во 381 населено место има 10 и помалку домаќинства. Најмногу станови има во населеното место Скопје – Аеродром – 34 415, а во 116 населени места има помалку од 10 стана“, соопштија од ДЗС.
Според тоа каде има најмногу младо население на возраст од 0 до 14 години, пак, на прво место се Чаир и Аеродром, а тука се и градовите Куманово и Тетово.
Општини со најмногу старо население на возраст од 85 години и повеќе, пак, се Карпош и Центар во Скопје, а потоа Битола, Прилеп, Велес и Охрид.