Германската Влада одобри нацрт-стратегија што треба да придонесе за подобрување на исхраната во фабричките и училишните мензи, беше објавено по состанокот на Кабинетот
„Сакам да гарантирам дека секој жител на Германија има пристап до квалитетна и здрава храна, без разлика на приходот, образованието или потеклото“, рече германскиот министер за земјоделство и храна, Чем Оездемир.
Тој рече дека институциите за колективна прехрана како што се мензите во компаниите, училиштата и факултетите, треба да ја имаат главнат улога во постигнувањето на таа цел.
„Колективните мензи треба да бидат места каде луѓето доаѓаат до висококвалитетни, вкусни и здрави оброци“, рече Оездемир.
Нацрт-стратегијата за храна што треба да биде усвоена до крајот на следната година, предвидува во иднина мензите при подготовката на храната да ги следат препораките на Германското друштво за исхрана.
Во иднина во институциите за заедничка исхрана треба повеќе да се нудат сезонски локално одгледувани прехранбени производи, по можност од производители кои се придржуваат до био-стандардите.
Понатамошна цел е да се намали месото во исхраната и да се намалат шеќерот, мастите и солта во готовите прехранбени производи. Една од целите е и да се намали количината на прехранбени производи што завршуваат во отпад.
Треба да се забрани и рекламирање на нездрава храна во кампањи кои се однесуваат на деца под 14-годишна возраст.
Во Германија 15 отсто од децата се со прекумерна тежина. Кај возрасните, 60,5 отсто од мажите и 46,6 отсто од жените се со прекумерна тежина. Деветнаесет проценти од возрасните се сметаат за дебели.