Расте бројот на граѓани кои користат електричен тротинет за патување до работа или училиште, како еколошка алтернатива за превоз што ја зголемува мобилноста во градски средини.
Ограничувачки фактор е тоа што основна инфраструктура за движење со електричен тротинет согласно законот се велосипедските патеки, а доколку нема изградено такви, тогаш е дозволено движење по пешачките патеки, тротоар или друга површина за движење на пешаци, но со ограничување на брзината до 6 километри на час. Во спротивно, возачот на електричен тротинет, кој не се движи по дозволените сообраќајни површини, ќе плати глоба од 80 евра.
Ако се движи со брзина поголема од 25 км/час по велосипедска патека или со брзина поголема од 6 км/час по тротоар, пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци, тогаш ќе треба да плати глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност.
Електричен тротинет може да се управува со навршени 14 години и во тој случај глобите се изрекуваат на родителот или старателот.
Министерството за внатрешни работи во текот на 2021 година има санкционирано вкупно 29 возачи на електричен тротинет, додека годинава до 31 октомври се санкционирани вкупно 66 возачи на електрични тротинети на територијата на Република Северна Македонија.
Согласно член 103 од Законот за безбедност во сообраќајот од 1 јануари 2021 година возач на електричен тротинет ќе добие прекршочен платен налог од 50 евра доколку не носи заштитен шлем на главата, превезува други лица или вечерно време и во услови на намалена видливост не носи рефлектирачки елек.
Во Twitter сферата, која често е најреален приказ на „Македонија во мало“, без влакна на јазикот се зборува на многу теми, вклучувајќи ги и електричните тротинети. Некои твитерџии се одушевени од нив, додека други ги гледаат како (нужно) зло. Некои твитерџии кои се против се чини имаат одбивност кон „западњачки трендови“, а некои дури имаат нескриен анимозитет кон луѓето кои возат велосипед и/или тротинет и повикуваат на насилство, што апсолутно не можеме да го разбереме, а уште помалку да го оправдаме.
Најмногу ќе се согласиме со твитот дека „ако немаш сообраќајна култура, ја немаш ни пешки, ни со точак, ни со тротинет, ни зад волан“.
Еве некои интересни твитови на темата:
"Дечки, си купив тротинет ова стварно било прејако, еве да го пробам до стража сум и че вртам назад"
"Скопјаниве не ги застанало полиција со години, ваљда дека многу возат тротинет"
"Ам со тротинет максимум до Сарај може"
"Има празен тротоар а сред улица сече пат на кола и те гледа криво демек кај гледаш јас сум со тротинет"
"Да беше сеа Никола Карев во ова време сигурно ќе беше хипстер, ќе возеше електричен тротинет и ќе живееше во Дебар маало..."